Алпските скијачи, овој викенд, ќе се натпреваруваат во швајцарскиот Венген. На денешната програма беше алпската комбинација. Ова беше второто овосезонско издание на оваа дисциплина. Претходното беше оддржано во Бормио кадешто славеше Пантуро пред Килде о Мејар. Последното издание е закажано за 28. февруари во Хинтерштодер.
Денешното натпреварување беше составено од спуст и слалом. На спустот т.е. во првата серија, најдобар беше Австриецот Матијас Мајер, пред Жил Рулан (+0.53) и Даниел Данклмаер (+0.67). Во втората серија потфрлија Рулан и Данклмаер завршувајќи на 15. односно 22. место. Убедливо најдобра втора серија искија Алексис Пантуро кој од 19. место успеа да дојде до второто, а највисокото место на пиедесталот му избега за само седум стотинки. За Французинот, ова беше осми подиум во алпска комбинација и четврти во Венген. На третата позиција заврши Виктор Муфа-Жанде (+0.67), кој исто како и Пантуро, го освои својот четврт подиум во Венген и вкупно 11. во кариерата. До победата стигна Матијас Мајер кој пренесе капитална предност од првата серија. За Мајер, ова беше прва победа во алпска комбинација, четврт подиум сезонава и вкупно 25. подиум во својата кариера. Во првите десет завршија и Мејар, Тонети, Чатер, Јансруд, Килде, Хинтерман и Крихмаер.



