Традиционално, на православниот Бадник се одвива последното натпреварување од Новогодишната турнеја во ски скокови. Во австрискиот Бишофсхофен, најрадосни беа навивачите со црвено-бела боја, но не австриските. Станува збор за навивачите на Полска кои ја славеа победата на Давид Кубацки во Бишофсхофен, а и на цела Новогодишна турнеја. Полјакот победи убедливо во генералниот пласман на турнејата со дваесет поени предност пред второпласираниот Линдвик и речиси дваесет и три поени пред Гајгер. Актуелниот шампион, Рјоју Кобајаши, потфрли на последните две скокалници и на крајот мораше да се задоволи со четвртата позиција. Од Австријците, најуспешен беше Штефан Крафт на петтото место.
Што се однесува до натпреварувањето во Бишофсхофен, славеше Кубацки пред Гајгер и Линдвик. Во првите десет завршија Штефан Крафт, Петер Превц, Даниел Андре Танде, Рјоју Кобајаши, Даики Ито, Домен Превц и Филип Ашенвалд.
За Кубацки ова беше прва победа сезонава која му придонесе да стане вториот полски скокач, освен Камил Штох, кој ја освоил Новогодишната турнеја.



