Двете првопласирани екипи од истокот и западот се соочија синоќа во „Фисерв Форум” во Милвоки. Домаќин беше првопласираната екипа на истокот – Милвоки Бакс, а гости беа првопласираните на западот – популарните ЛА Лејкерс.
Милвоки славеше со 111-104 и ја запиша својата 19. победа во последните 20. натпревари. Единствениот пораз во оваа низа го претрпе од Далас пред три дена.
Пред натпреварот имаше сомнежи за настапот на Ентони Дејвис, но сепак Американецот се појави на теренот и постигна 36 поени, 10 скокови и 5 асистенции. Освен него, кај гостите доминантен беше и ЛеБрон Џејмс кој имаше трипл-дабл учинок – 21 поен, 12 скокови и 11 асистенции.
Во тимот на Милвоки, очекувано најефикасен беше Јанис Антетокумбо со 34 поени, 10 скокови и 6 асистенции и рекорд на кариерата со 5 постигнати тројки.
Овој дуел беше и дуел на тројцата браќа Антетокумбо. Јанис и Танасис играат за Милвоки, додека Костас настапува за ЛА Лејкерс.



