Петтата трка во овогодинешната сезона во санкање во машка конкуренција се одвиваше во Вистлер, на патеката кадешто се тркаа најдобрите санкачи на ЗОИ 2010.
На програмата беше спринт трка во којашто учествуваа најдобрите 15 од индивидуалната машка трка. Како најбрз се покажа Австриецот Рајнхард Егер кој за 36.449 секунди ја помина предвидената патека. Веднаш зад него, со седум илјадинки заостаток, заврши водечкиот во генералниот пласман – Роман Репилов. Со исто време како Репилов беше и Италијанецот Доминик Фишналер кој беше дисквалификуван заради тежината на санката. Од дисквалификувањето на Фишналер најмногу профитира Јонас Милер кој заврши како третопласиран. Легендарниот Феликс Лох заврши четврти, а на петтата позиција беше актуелниот олимписки шампион Давид Глајршер.
Ситуацијата во генералниот пласман делумно се промени. На првата позиција остана Репилов кој со новите 85 поени го зголеми своето водство пред второпласираниот Милер на 54 поени. Убедливо зад нив се наоѓаат Такер Вест и Доминик Фишналер со заостаток од 90 односно 111 поени.



