Во екот на претпразничните настани, попустите се главна тема на разговор. Како шлаг на тоа, речиси секој ден сме атакувани со промоции на попусти кои ќе следат. Black Friday, Cyber Monday, Weekend Discounts итн… луѓето се во таков делириум што почнаа да прават и план на кој попуст кога да одат со најава: те молам не ме задевај тогаш и тогаш, на шопинг сум!
Попустите се убава работа, но понекогаш знаат да ги разочараат нашите очекувања. Затоа е убаво да се погледаат и двете страни за да може и двете страни да имаат бенефит од тие попусти.
Што е она што вие, како купувач, треба да го направите за и пред попустите:
– План – денес веќе сè може да најдете on-line па убаво би било да си направите план што сакате да купите за време на попустите. Имавме една колешка која за време на ноемвриските попусти правеше план што се ќе купи!
– Буџет – имајте дефиниран буџет кој сакате да го потрошите за време на попустите. Немојте да претерувате, работите не се без пари!
– Истражување – инвестирајте малку време во истражување за тоа што е она што ви треба, она што навистина ви треба, што е она што се нуди.
– Што е на располагање – отидете до продажните места кои сакате да ги посетите и од каде што сакате да купувате на попуст, што е она што они го нудат и ќе го нудат за време на попустите за да знаете дали попустот е наменет за целата стока што ја имаат или само дел од неа.
– План за шопинг – знаете и самите дека за време на попустите, по продавниците е хаос, па така, ве молам немојте да правите план дека ќе завршите работа за 5 минути туку планирајте го цел ден дека ќе ви биде за шопинг.
– Култура при купување – тоа што е на попуст не значи дека е лоша стока. Затоа, однесувајте се кон работите како да се ваши, а не само да се грабате и расфрлате и да ви е гајле за тој/таа после вас!
Од друга страна, пак, ги имаме и продажните места и нивниот концепт на размислување околу попустите. Мора да го знаете следново:
– Не лажете – ако сте на попуст, бидете на попуст. Без трикчиња!
– Означување – означете ги видливо работите кои се на попуст како во продавница, така и on-line. Ете, гледате дека погоре им кажуваме на нашите верни читатели и ваши верни потрошувачи дека треба да прават план.
– Дополнителен попуст – имајте попуст за стока која ја имате во големо количество и во различни димензии (стока која може да го издржи целиот попуст) и поголем/дополнителен попуст за работи кои сакате да ги „исчистите”.
– Персонал – знаете дека тие денови ќе биде поголем метеж од вообичаено, па имајте екстра персонал. Сепак, и вие сакате да продадете што повеќе стока, а со ист или намален број на персонал, сигурно тоа нема да го направите.
– on-line – ако имате можност, дајте попуст и на работите кои ви се on-line. Така ќе поттикнете луѓето почесто да одат на вашата on-line продавница, ќе намалите на метеж и персонал, а со тоа и ќе заработите повеќе!
– Промоција – нека започне промоцијата на попустите барем 2 недели пред планираниот попуст. Но, кога сме кај промоциите на попустите, она што го означувате тоа и нека биде. Ако лажете, си го нарушувате имиџот на вашата компанија, а денес е многу лесно тоа да се рашири и да се дознае.
– План – направете план на попустите и стоката којашто сакате да ја дадете на попуст. Мој совет би ви бил, освен ако не затворате продавницата, да не одите со попуст на целата стока која ја имате кај вас, туку сега на одредена група на продукти, па после некое време на друга итн, итн.
Попустите се посебен концепт и мора внимателно да се настапи. Мора да пристапите аналитички, доколку ви е планиран тој период, со цел да излезете задоволни од таму. Но, едно е многу важно да се каже, а тоа е: Здравјето пред сè – без туркање и расправии… не е крај на светот, ако не го купите продуктот сега, има и други денови!
Со успех во промените,
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг



