Во квалификациската рунда од ЦЕВ Челенџ Купот, ОК Вардар од Скопје се соочи со чешкиот тим Карловарско. На првиот натпревар што се одигра во Чешка, Вардар загуби убедливо со 3-0, па на домашен терен се надеваа на победа и пласман во 1/16 финалето од ова европско натпреварување.
Во Скопје, во салата „Кале”, на реваншот му претходеше една мала церемонија. Имено, челниците на ОК Вардар, решија да им оддадат признание на Докузовски и Трифуновски – двајца поранешни играчи на клубот кои беа дел од тимот и на завршниот турнир во Лигата на шампионите во 1976/77.
Ова како да им даде „ветар во грбот” на „црвено-црните” кои го почнаа овој натпревар со освојување на првиот сет со 25-21. Сепак, во продолжение дојде до израз квалитетот на Чесите кои ги добија наредните три сета со 18-25, 17-25 и 15-25 и изборија пласман во главната рунда од овој куп. Најефикасен играч на мечот беше Јовица Симовски од Вардар со освоени 19 поени.



