
Емисијата со наслов „Македонски приказни” штотуку ја започна својата втора сезона. Во однос на минатата сезона, воведени беа неколку новитети. Најпрво, придружник на водителот Трајче Китановски е Андреј Андонов, а за забавата да биде на повисоко ниво, се појавува и нашиот популарен комичар Војче Китаноски.
Во врска со новитетите на втората сезона од оваа прекрасна емисија со забавен карактер, Трајче ни откри: „Помеѓу двете сезони имав доста време да размислувам што ново да внесам во втората сезона на „Македонски приказни”, а да не е потрошено и шаблонски. Знаете, кога твориш нешто, тоа не е воопшто лесно. За да успее сето тоа и да има позитивни критики треба да му дадеш дел од себе, дел од својата душа.”

Во врска со двајцата нови членови додаде:
„Андреј Андонов во оваа сезона ќе биде ководител. Тој беше дел од нашиот тим и претходната сезона, но сега има нова улога. Што се однесува до мојот драг пријател – Војче Китаноски, после гостувањето во првата сезона, сите фанови едногласно ми дадоа сугестија дека би требало да му дадеме повеќе простор. Не ми требаше долго за да седнеме на кафе и да ги договориме деталите бидејќи со Војче се знаеме многу добро, па така некогаш се случува и со поглед да си кажеме повеќе отколку со разговор.”
Овде не е крајот на новостите.
„Тука ќе биде и Влатко (Шериф) кој ќе биде задолжен за хумор во неофицијалниот дел. Ви ветувам многу нови и интересни гости.” – порача Трајче за гледачите.
За крај на интервјуто, го прашавме водителот Китановски дали емисијата ќе биде емитувана кон пошироката публика, а одговорот гласеше:
„Во оваа сезона, на добар пат сме да им овозможиме на нашите фанови да ја гледаат „Македонски приказни” и на малите екрани. Имаме некои сериозни понуди од ТВ куќи и сме во завршни преговори.”
Гостин во првата епизода од втората сезона беше нашиот легендарен фудбалски репрезентативец – Стевица Ристич. Во оваа епизода, Стевица открива вистини за својот живот и својата кариера кои малкумина ги знаат.
Иако, во кариерата ја делел соблекувалната со мега-ѕвезди како Ривалдо, сепак Стевица, како најголем професионалец го смета токму еден наш поранешен репрезентативец. За кого станува збор ?
Со кои наши (поранешни) репрезентативци Ристич комуницира најмногу и е во најблиски односи ?
Кој е најдобар селектор што има соработувано со него ? Кој е најдобар македонски фудбалер ?
Што имаат заедничко Стевица и Трајче ? Дознајте ги нивните интересни авантури во Дојран.
Одговор на овие и на многу други прашања ќе најдете во оваа епизода.



