Второто најстаро клубско фудбалско натпреварување (после Јоудан Куп) е Кромвел Куп. Турнирот се одржал во февруари 1868 во Шефилд. Името го добил по Оливер Кромвел – сопственикот на локалниот театар „Александра” кој го донирал трофејот. Исто така, Оливер Кромвел бил и играч кој настапувал за тимот на Герик. Турнирот бил наменет за тимови од околината на Шефилд кои биле основани од 1866 до 1868 – Венздеј, Герик, Ексчејнџ и Велингтон. Полуфиналињата се одиграле на „Мекензи Граунд”, а финалето се одиграло на денешниот стадион на Шефилд Јунајтед – „Брамал Лејн”. Во него се соочиле екипите на Венздеј и Герик. Резултатот во регуларниот дел бил 0-0, а Венздеј забележале победа после десет минути во продолженијата преку „златен гол” што останал запишан како прв „златен гол” во историјата на фудбалот. Сепак, во тој период не се користел овој термин. Трофејот сè уште се наоѓа во витрините на Шефилд Венздеј.
Кромвел Купот бил игран според кодексот „Шефилд Рулс” кој во себе, освен голови, содржал и ружови. Руж бил поен кој се доделувал на еден тим доколку негов играч ја шутне топката помеѓу двете дополнителни стативи кои стоеле на растојание од четири метри од двете страни на голот.
Резултатите од полуфиналните натпревари изнесувале:
Венздеј 4 (3) – 0 (0) Ексчејнџ
Герик 0 (1) – 0 (0)Велингтон
(во загради е впишан бројот на постигнати ружови)
Герик, заедно со Велингтон се единствените клубови што учествувале во првите две клупски натпреварувања (Јоудан Куп и Кромвел Куп). После поразот во финалето, тимот на Герик се повлекол од клубските натпреварувања и играл само пријателски натпревари. Во 1878 тимот целосно згаснал.




