Илкестон е град во Дербишир, Англија кој, како и многу други места, во втората половина на 19. век навлегол во фудбалските води. Според хронологијата напишана од поранешниот претседател на поддржувачката група на Илкестон, Данкан Пејн, првиот клуб во градот е формиран во септември 1882.
Станува збор за Илкестон Механикс – клуб кој во своите почетоци сменил неколку домашни терени и бил еден од основачите на Дербишир ФА Куп во 1883. Во ноември истата година, Илкестон Механикс доживеале пораз од 6-0 од Лонг Итон Ренџерс во првиот меч на Дербишир Сениор Куп. Во истиот тој период, во Илкестон почнале да се оформуваат и нови клубови кои имале за цел да им парираат на „Црните”. Во 1884 се формирани Илкестон Вондерерс и Илкестон Чарч Институт. Во февруари 1884, Механикс доживеале пораз од Чарч Институт и со тоа почнала нивната инфериорност во однос на другите тимови од истиот град. Неколку месеци подоцна го доживеале и најубедливиот пораз во својата кратка историја – 10-1 од Форест Колтс. Во декември 1884, Механикс играле натпревар против Илкестон Ренџерс и воделе 2-0. Во моментот кога бил постигнат вториот гол, настанал хаос бидејќи голманот на Ренџерс физички се пресметувал со навивач на Механикс, па натпреварот бил напуштен. Во 1885, Механикс доживеале два порази од Илкестон Вондерерс, а во 1886 го одиграле и својот последен натпревар.
Илкестон Вондерерс и Илкестон Таун (ФК)
Во април 1886 се одиграл натпревар помеѓу најдобрите играчи од Илкестон и Ставелеј (еден од најдобрите клубови во Дербишир своевремено). Натпреварот завршил со 2-2 и како резултат на тоа е формиран новиот клуб Илкестон Таун ФК. „Црвените” го освоиле инаугуралниот Дербишир Котиџ Хоспитал Куп, а во декември 1886 станале првиот тим од Илкестон што го освоил Дербишир Сениор Куп. Локалниот фудбалер Фред Бердсли бил еден од протагонистите во основањето на денешниот гигант Арсенал. Во периодот кога Илкестон Таун бил наградуван со трофеи, Илкестон Вондерерс побарале фузија, но сето тоа не завршило со плод. Во 1887, овие два клуба ги одмериле силите, а Вондерерс славиле со 2-0. Овој меч бил последен за Илкестон Таун ФК пред сè заради неможноста да пронајдат соодветен домашен терен. Поголемиот дел од играчите веднаш заминале во двата најактуелни клубови од Илкестон – Илкестон Вондерерс и Котамани Вондерерс. Илкестон Вондерерс го превземале приматот на најквалитетен клуб од градот, но нивниот статус не бил признаен од Дербишир ФА. Наместо клубот да биде промовиран во Дербишир Сениор Куп, тој бил внесен во „второкласното” натпреварување – Дербишир Минор Куп. Во декември 1887, неочекувано Илкестон Вондерерс го промениле своето име во Илкестон Таун. Под новото име го освоил локалниот Илкестон Пионир Куп совладувајќи го тимот на Стантон енд Рисли во финалето со 4-2. Во наредните неколку години одиграле уште значителни натпревари помеѓу кои и победата над Бартон Вондерерс со 12-0.
Во јуни 1890, Илкестон Таун бил еден од основачите на Дербишир Сениор Лиг, а првата сезона ја завршил на шестата позиција од вкупно осум екипи. Во 1893, Илкестон Таун стигнал до финалето на Дербишир Сениор Куп преку победата над Ленгли Мил Ренџерс после шест натпревари во полуфиналето! Во финалето бил совладан од Хинор Таун со 7-1. Истата сезона ја завршиле на третото место во лигата. Во септември 1893, како домашен терен на Илкестон бил назначен „Менор Граунд” – стадионот на којшто играле цели 99 години. Во октомври. Илкестон Таун станал првиот тим од Илкестон што играл во ФА Купот. Не успеал да стигне до главниот ждреб, но ги поминал првите две рунди од квалификациите. Клубот пружил голем број на незаборавни партии и повторно ја завршил сезоната на третото место. Во јули 1894, Илкестон испратил барање за приклучување во тогашната Мидленд Лиг. Барањето било прифатено, па клубот од Дербишир се натпреварувал против екипи од реномето на Барнсли, Донкастер, Ротерам, Лестер и Честерфилд. После добрата прва сезона којашто за малку не била крунисана со пласман во првите три екипи, следувале лоши партии и периоди, па во 1903 година, клубот се распаднал.
Илкестон Јунајтед
Веднаш по распаѓањето на Илкестон Таун бил формиран нов клуб наречен Илкестон Јунајтед. И овој клуб тргнал по стапките на неговиот претхдоник натпреварувајќи се во Мидленд Лиг и во (квалификациите од) ФА Куп. Најдобриот пласман во ФА Купот му бил достигнувањето на четвртата рунда од квалификациите. Во 1928 и овој клуб неславно згаснал.

Илкестон Таун ФК (2)
После распаѓањето на Илкестон Јунајтед, дури во 1945 е основан нов клуб кој го превземал името на клубот формиран во 1886 – Илкестон Таун ФК. Сè до 1961, клубот се натпреварувал на локално ниво за подоцна да биде промовиран во Мидленд Лиг. Во 1968 станал шампион на истата лига и бил промовиран во Саутерн Фудбал Лиг кадешто играл неколку сезони. Во наредните неколку децении, Илкестон Таун ФК играл низ Централ и Вест Мидландс Лиг, а во 1994 избориле пласман во Саутерн Лиг. Во 2004, со преуредувањето на аматерските англиски лиги, Илкестон завршил во Нортерн Премиер Лиг (седма дивизија) Уште во првата сезона, преку плејоф избориле пласман во Конференс Норт (шеста лига). Првата сезона во шестата лига ја завршиле на осмото место, а веднаш потоа клубот бил ликвидиран заради долг од 50 000 фунти.
Илкестон ФК
Во ноември 2010, два месеци по ликвидацијата на Илкестон Таун ФК бил формиран Илкестон ФК. Овој клуб почнал да се натпреварува во осмата лига и веднаш преку плејоф изборил промоција во седмата. Клубот се одржувал во седмата лига неколку сезони, а во јуни 2017 и овој клуб бил ликвидиран заради долг од 14 438 фунти.

Илкестон Таун ФК (3)
На 20 јули 2017 е основан денешниот клуб Илкестон Таун ФК. Клубот е во сопственост на поранешниот претседател на Нотс Каунти – Алан Харди. Најпрво, клубот, својата авантура ја започнал во првата дивизија на Мидланд Фудбал Лиг (десетта лига) и уште во првата сезона изборил промоција преку втората позиција во Премиер Дивизија на Мидленс Фудбал Лиг (деветта лига). Во својата втора година од постоењето, Илкестон Таун ја освоил титулата и во деветтата лига и бил промовиран во осмата. Моментално се натпреварува во осмиот ранг на англиската фудбалска пирамида.
Специјална благодарност до фан клубот на Илкестон Таун во Србија !



