Последниот натпревар од второто коло во групата Ц го одиграа Франција и САД. Французите стигнаа до лесна победа и не им дозволија на противниците да постигнат есеј. Сите поени на САД ги постигна МекЏинти, додека Франција постигна пет есеја преку Иже, Рака, Фику, Серин и Пуаро. Крајниот резултат изнесуваше 33-9. Со оваа победа, Франција се искачи на втората позиција и има само бод заостаток зад првопласираната Англија, додека САД е на последното место со нула поени исто како и Тонга.



