Акрингтон Стенли е англиски фудбалски клуб кој потекнува од градот Акрингтон, Ланкашир. Клубот моментално се натпреварува во англиската трета лига, а домашните натпревари ги игра на „Краун Граунд” кој има капацитет од 5450 гледачи.
Акрингтон Стенли е претходник на поранешниот истоимен клуб кој бил основан во 1891, а се распаднал во 1966.

Историјата на „оригиналниот” Акрингтон Стенли:
Откако бил основан во 1891, Стенли се натпреварувал во Ланкашир Комбинејшн и освоил две титули во 1902/03 и 1905/06. Во англиската фудбалска лига почнал да се натпреварува дури во 1921 кадешто бил член сè до 1962. Најпрво, почетокот на крајот се забележал во 1960 кога после финансиски проблеми, Акрингтон бил релегиран во четвртата англиска лига. Само една сезона подоцна следувал целосен банкрот и клубот бил вратен во Ланкашир Комбинејшн. Со помошта од некои локални бизнисмени и фирми, Стенли успеал да се врати во четвртата лига па дури и да ја освои во 1963/64. Сепак, наместо рапиден успех, веднаш следувал потполен потоп и релегации, па Акрингтон повторно бил вратен во Ланкашир Комбинејшн. После четири сезони клубот згаснал.

Формирање на новиот Акрингтон Стенли и промоции:
Две години подоцна, во 1968, на еден состанок била донесена одлука за реинкарнација на клубот. Тоа и се случило, а клубот го превземал истото име. Во 1970, Акрингтон Стенли почнал да ги игра своите натпревари на „Краун Граунд” – местото кое сè уште претставува негов дом.
Стенли почнал финансиски да се стабилизира во 1997 кога нивниот поранешен играч, Брет Ормерод, преминал од Блекпул во Саутемптон за нешто повеќе од милион фунти. Тогаш Акрингтон заработил 50 000 фунти благодарение на договорот кој гласел дека Блекпул ќе му даде одредена сума од заработените пари доколку Ормерод направи трансфер.
Набргу после тоа, во 2002/03, Акрингтон ја освоил Северната Премиер Лига и се пласирал во петтата лига. Првиот натпревар во оваа лига го одиграл против Алдершот и загубил со 1-2. Сепак, на крајот завршил на 10. позиција, а стигнал и до третата рунда на ФА Купот кадешто загубил од Колчестер кој во тој период бил третолигаш.
И наредната сезона, Акрингтон завршил на 10. место, а во сезоната 2005/06 ја освоил петтата лига и за прв пат по 46 години се вратил во системот на англиската фудбалска лига.

Играње професионален фудбал:
Првите три сезони во четвртата лига беа проследени со успешна борба за опстанок, а воедно и некои исклучително добри настапи во куповите.
Четвртата сезона почна одлично, но по заминувањето на двајцата клучни играчи – Мајкл Сајмс и Боби Грант, формата на Акрингтон падна и на крај мораше да се задоволи со 15. позиција.
Во 2010/11, Стенли прв пат успеа да се квалификува во плејофот за влез во третата лига завземајќи ја петтата позиција. Сепак, стажот во четвртата лига продолжи откако Стивениџ се покажа подобро во полуфиналето. Една сезона подоцна, Акрингтон повторно беше сметан како еден од фаворитите за влез во третата лига, но со заминувањето на капитенот Еднру Проктер во Престон, замина и тренерот Џон Колман во Рочдејл. На негово место беше доведен Пол Кук, но со серијата од само 3 победи во последните 17 кола, ги уништи надежите на Стенли за промоција.
Сепак во 2018/19 Акрингтон беше шампион на четвртата лига и за прв пат во својата нова историја успеа да се пласира во третата лига.

Телевизиска реклама:
Акрингтон Стенли, во 1980′ години бил мета на потсмев во една позната телевизиска реклама. На рекламата биле претставени две момчиња во дресови на тогашниот шампион Ливерпул кои го воделе следниот разговор:
1: Млеко ! Бљакк!
2: Тоа е она што го пие Иан Раш. (поранешен фудбалер на Ливерпул)
1: Иан Раш ?!
2: Да. Тој ми кажа дека ако не пијам многу млеко, кога ќе пораснам ќе бидам доволно добар да играм само во Акрингтон Стенли.
1: Акрингтон Стенли ?! Кои се тие ?
2: Точно така.



