Форест Грин Роверс ФК е фудбалски клуб од Неилсворт, Глостершир во Англија. Клубот моментално се натпреварува во четвртата англиска лига. Натпреварите ги игра на стадионот „Њу Лоун” на којшто се вградени доста еколошки алатки и механизми. Форест Фрин е првиот вегански клуб во светот и промовира заштита на животната средина.
Историја:
Клубот е формиран 1889 година, а името го добил по областа Форест Грин во околината на Неилсворт. Прекарот „Роверс” бил присвоен во 1893, а веќе следната година почнал да се натпреварува во Мид-Глостершир Лига. Првиот официјален натпревар на Форест Грин бил на 6. октомври 1894 протв Бримскомб. Натпреварот завршил со резултат од 1-1, а тимот од Неилсворт ја завршил својата прва натпреварувачка сезона на третата позиција, а неколку сезони подоцна бил исфрлен од оваа лига.
Првата титула на Форест Грин е освојувањето на Дурсли енд Дистрикт Лиг во сезоната 1902/03. По регуларниот дел на сезоната, клубот бил на делба на првата позиција со Стонхаус. За да се одреди победникот, се одиграл дуел помеѓу тие две екипи, а Форест Грин победил со 2-1 во продолженија.
Во наредните сезони, Форест Грин бил член на неколку лиги и имал некои забележителни резултати меѓу кои трите последователни титули во Страуд Премиер Лиг и три титули (од кои две последователни) во Нортерн Сениор Лиг.
Форест Грин бил еден од основачите на Глостершир Каунти Лиг во 1968. Таму играл сè до 1975 кога под водство на Петер Горинг изборил промоција во тогашната Хеленик Лиг.
Регионални лиги:
По неколку солидни сезони во Хеленик Лиг, Форест Грин стигнал до титулата во 1981/82, а истата сезона го освоил и ФА Вејс совладувајќи го Реинворт Мајнерс Велфер со 3-0 на Вембли. Со првата позиција во лигата, клубот бил промовиран во средната дивизија на Саутерн Лиг.
Во првата сезона во повисокиот ранг, завршиле на третата позиција. Во 1989, клубот бил преименуван во Страуд ФК. Неколку сезони подоцна, повторно го вратил старото име, а во 1995 доживеал релегација. Веднаш потоа следувале две промоции во низа и влез во петтата англиска фудбалска лига во сезоната 1998/99.
Попрофесионални лиги:
Првата сезона во петтата лига ја завршил на шестата позиција. Истата таа сезона стигнал и до финалето на ФА Трофи кадешто загубил со 1-0 од Кингстонианс. Со ова, Форест Грин станал првиот тим што успеал да се пласира во финале и на ФА Вејс и на ФА Трофи. Една сезона подоцна, за прв пат во својата историја, Форест Грин успеал да се пласира во првата рудна на ФА Куп кадешто го совладал тимот на Гајсли со 6-0. За жал, во втората рунда, загубил од Торки Јунајтед со 3-0 во втората рунда.
Во 2004/05, Форест Грин на крајот на сезоната бил во позиција што носи релегација, но сепак се спасил благодарение на Нотрвич Викториа – тим што бил релегиран заради неисправен стадион.
Во 2007/08, прв пат во својата историја, Форест Грин успеал да победи тим што се натпреварува во професионалните англиски фудбалски лиги. Поразен бил Ротерхам Јунајтед во вториот натпревар од првата рунда во ФА Купот. Наредната сезона е поставен уште еден рекорд – прв пласман во третата рунда од ФА Куп. Во првите две рунди биле поразени Бат и Рочдејл, а во третата рунда пред рекордна публика од 4 836 гледачи, на домашен терен Форест Грин бил поразен од Дерби Каунти со 3-4. Наредната сезона повторно стигнал до третата рунда кадешто загубил од друг црно-бел тим од Мидлендс – Нотс Каунти.
Во сезоната 2009/10, Форест Грин повторно завршил во позиција за релегација, но и овој пат бил „спасен” од друг тим. Релегиран бил тимот на Салисбери Сити заради прекршување на финансиските правила.
Во 2010, тимот бил превземан од сегашниот сопственик Дејл Винс – директор на компанијата „Екотрисити”. Целта на Винс била да го направи клубот поеколошки и да го тргне месото од исхраната на фудбалерите. Исто така забранил продажба на месо во просториите на стадионот, а за тревата се користи само органско ѓубриво. Форест Грин е првиот вегански и еколошки клуб во светот.
Под раководството на Дејл Винс, клубот завршил три пати во плејоф зоната за пласман во четвртата лига. Во два наврати бил запрен за промоција од Бристол Роверс и Гримзби, но во третиот обид, преку Даг енд Ред и Транмер – Форест Грин за прв пат во својата историја се пласира во професионална лига.
Веќе во втората сезона во четвртата лига (2018/19), Форест Грин заврши на петтата позиција. Тоа е највисок пласман во историјата на овој тим. Во плејофот за пласман во третата лига беше поразен токму од тимот што пред неколку години им овозможи влез во четвртата лига – Транмер Роверс.




