Првата етапа после денот за одмор беше долга 167 км. Одлична спринтерска етапа која ни пружи екстра завршница. Имено, во завршниот спринт најдобро се покажа Кејлеб Уан и ја донесе втората победа за тимот на Лото-Судал на овогодинешниот Тур.
Дванаесеттата етапа беше планинска, а таму најдобро извоза претставникот на Мичелтон-Скот, Сајмон Јејтс кој победи пред Билбао и Мулбергер.
Тринаесеттата етапа се состоеше од индивидуален хронометар на патека долга 27,2 км. До победата стигна Жулиен Алафилип и стана прв возач на овогодинешната турнеа што победи на две етапи. Зад себе, на подиумот, ги остави Герент Томас со заостаток од 14 секунди и Томас Де Гент кој имаше 36 секунди повеќе во однос на Французинот.
Следуваа две исцрпни планински етапи. Четиринаесеттата етапа ја освои Французинот Тибо Пино што воедно беше и прва победа за тимот на Групама-ФДЖ на овој Тур.
Петнаесеттата етапа повторно отиде на контото на Сајмон Јејтс. Британецот ја освои втората трка од последните четири. На целта, само четири возачи добија заостаток помал од една минута. Алафилип доцнеше една минута и 49 секунди т.е. загуби 27 секунди од предноста во однос на второпласираниот во генералниот пласман – Герент Томас.
Пред 16. етапа имаше уште еден ден за одмор, а тоа најдобро го искористи Кејлеб Уан.
На следната етапа, по ридските предели, најуспешен беше Матео Трентин, а на 18. етапа ја освои Наиро Кинтана.
Наредниот ден, во близина на Вал д’Изер, имаше обилни врнежи од град и лавина, па трката беше прекината и никој возач не беше прогласен за победник. Сепак после таа етапа, приматот го превзема Еган Бернал, а Алафилип падна на втората позиција.
Дваесеттата етапа беше одлучувачка. Винченцо Нибали победи, а по интересниот тек на настаните – се промени распоредот на возачите што се наоѓаа на врвот од генералниот пласман.
Последната етапа не ни донесе никакви промени. Единствен битен факт е тоа што Кејлеб Уан дојде до својата трета победа на овогодинешниот Тур.
Еган Бернал е првиот Јужноамериканец што освоил Тур д Франс. 22-годишниот Колумбиец исто така ја освои и белата маичка што ја добива најдобриот млад возач. Во класификацијата за зелената маичка (освоени поени) неприкосновен беше Петер Саган, а на планините најдобро се покажа Французинот Роман Барде. Најдобар тим беше Мовистар кој имаше предност од 47 минути и 54 секунди пред второпласираниот тим на Трек-Сегафредо.



