Од Англија ни стигна вест за несекојдневен и неочекуван трансфер. Имено, новиот второлигаш – Лутон Таун, го сруши својот рекорд за највисока платена сума за еден играч. Тимот од Кенилворт Роуд издвои 1,5 милиони евра за Симон Слуга – голманот на Ријека што потпиша тригодишен договор.
Претходниот рекорд изнесуваше 850 000 фунти што беа платени за да се доведе Ларс Елструм од Одензе во 1989.
26-годишниот голман, како јуниор бранел во академијата на Јувентус, а со Ријека има освоено неколку трофеи од кои најзначајни му се двојната круна од 2016/17 и купот од изминатата сезона.
За него имаше голем интерес помеѓу екипите од првите две англиски лиги и германската Бундеслига.
Во првото интервју за Лутон, Слуга изјави:
,, Многу сум среќен и задоволен за оваа шанса. Многу сум среќен бидејќи клубот ме сака и одлучи дека јас сум вистинскиот играч што им треба, па можам да кажам дека имам само среќни чувства.”



