Среда, 19.06.2019, во 19 часот, во Кафѐ и Бар “Шила“ македонската поетеса Ана Бунтеска ќе ги промовира своите две нови детски книги „Шарените приказни“ и „Девојчиња и момчиња“ во издание на Просветно Дело.
Ана Бунтеска е родена на 23.01.1972 година во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, а работи во Македонската Берза. Има објавено три книги поезија: „Стави лајк на сопствениот живот“ (2015), „Колку е потребно за среќа“ (2016) – наградена со „Македонска книжевна авангарда“ и „Да му се насмееш на животот“ (2017). Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Пишува отсекогаш за себе, а од 2014 година се реши да го искористи интернетот како медиум за своите стихови кои се споделуваа, „позајмуваа“ и молскавично брзо допреа до читателите.
“Повелете сите на дружење со Ана заедно да ги читаме „Шарените приказни“ и „Девојчиња и момчиња“. Сите оние кои имаат нешто напишано, а не објавено, донесете ја вашата творба заедно да ја прочитаме.“ – порачуваат организаторите на настанот.
Престојниот настан е уште еден во низата квалитетни културни вечери организирани во „Шила“ – концептуален бар и кафѐ кој се повеќе се истакнува како алтернативна арт-сцена во Охрид. „Ги охрабруваме креативците од сите сфери да нѐ контактираат во врска со промоција на нивниот труд. Отворени сме за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма“– порачуваат од менаџерскот тим.



