Пред своите навивачи МЗТ Скопје Аеродром загуби од Кожув со 80:91 во едно од своите најслаби изданија оваа сезона. Гевгеличани ги искористија сите слабости на фаворизираниот противник и лидер на табелата и заслужено ја остварија победата која со сигурност ги носи во Суперлигата.
Вудард со 18 поени поени беше најефикасен, но Кожув го имаше тандемот Кесар-Вилијамс. Кесар постигна 26 поени и 6 скока, а американскиот плејмејкер Вилијамс заврши зад своето име со учинок од 22 поена, 11 скока и 4 асистенции.
Работнички по поразот од МЗТ Скопје на домашен терен најтрофејниот кошаркарски колектив се рехабилитираше со триумфот над Фени Индустри со 66:72 на гостински терен во Кавадарци и го искористи киксот на градскиот ривал по што си ја отвори можноста да се врати на првото место на табелата кога сите екипи ќе имаат ист број одиграни натпревари.
Во победничкиот скопски табор, Караџовски постигна 20 поени, а Костов реализираше 13 поени и 9 скока. Во екипата на Фени, Фандербург оствари учинок од 11 поени, 11 асистенции и 8 скока, а Мајер постигна 17 поени и 13 скока.
Блоготехна на домашен терен оствари победа над Охрид со резултат од 77:68 и во наредно коло ќе се соочат против Работнички во дерби натпревар во борба за првото место на крајот од основниот дел од првенството.



