Во Ксиан, во провинцијата Шанкси, Северна Кина, изградена е експериментална кула за која се вели дека е најголемиот прочистувач на воздухот во светот, со височина од над 100 метри. Кулата е тестирана од страна на истражувачите од Институтот за животна средина на Кинеската академија на науките за да се измери нејзината ефикасност. Властите бараат начини да се справат со хроничниот проблем со смогот и ова би можело да биде добро решение, ако докажат дека функционира.
Кулата го „вдишува“ загадениот воздух и го загрева со сончева енергија. Потоа загреаниот воздух се подигнува низ кулата и поминува низ филтри за чистење со повеќе слоеви. Научниците тврдат дека проектот донел значително подобрување на квалитетот на воздухот, иако се потребни дополнителни испитувања.



