Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ продолжува со одличните настапи во дресот на Арис. Нашиот репрезентативец одигра уште еден одличен натпревар во Еврокупот и беше меѓу најзаслужните за победата над француски Ле Ман од 96:86.
Арис ја искористи предноста на домашниот терен и стигна до седмиот триумф во осмиот натпревар сезонава. Со учинок од 7-1, грчкиот тим се наоѓа на второто место во групата Б, веднаш зад перфектниот Хапоел Ерусалим.
Димитријевиќ повторно покажа зошто е еден од најважните играчи во тимот. Македонскиот плејмејкер натпреварот го заврши со дабл-дабл учинок од 11 поени и фантастични 13 асистенции, на кои додаде и два скока и една украдена топка.
Најефикасен во победничкиот состав беше Морган со 23 поени, додека Мокока постигна 17.Кај францускиот тим немаше еден изразен поединец, а дури пет кошаркари постигнаа 11 или повеќе поени.
Нено продолжува да ја потврдува својата класа на европската сцена, а навивачите на Арис имаат уште една причина да уживаат во неговите мајстории!



