Триатлон федерацијата на Македонија доби нов селектор и ново раководство, означувајќи почеток на нова етапа во развојот на овој спорт во земјата.
Стружанецот Никола Кутаноски, е избран за нов селектор на Триатлон репрезентацијата на Македонија. Неговото назначување претставува признание за долгогодишната посветеност и резултатите што ги има постигнато во триатлонот, како натпреварувач и како тренер.
Кутаноски годинава одбележува значаен јубилеј – 20 години активна работа во спортот. Кариерата ја започнал како тренер по пливање, а со текот на времето се профилирал како еден од најуспешните тренери во пливање и триатлон во земјава.
Покрај изборот на нов селектор, федерацијата доби и нов претседател. На оваа функција е избран Данчо Ѓеоргиевски, со што се очекува дополнително унапредување на организацијата и развојот на триатлонот во Македонија.
Изборите беа реализирани за време на викендот, кога федерацијата одбележа 25 години од своето постоење. Јубилејот беше проследен со свечености и спортски активности, во духот на афирмација на триатлонот и неговото значење во спортската заедница.




