Новата песна „Ангелски здив“, во изведба на Мето Ди Флеш и Ана Петановска заедно со Angels Team, носи силна и длабоко емотивна порака. Музичкото дело е посветено на младите животи кои трагично згаснаа во Кочани пред една година – болен спомен кој и понатаму живее во срцата на нивните семејства, пријатели и целата македонска јавност.
Автор на музиката, текстот и аранжманот е Методи Поповски (Мето Ди Флеш) , кој вели дека песната се родила спонтано, од искрени чувства, тага и почит кон младите „ангели“ кои прерано го напуштија овој свет. Низ стиховите и мелодијата се пренесува тивка, но силна порака за сеќавање, љубов и надеж.
„Ангелски здив“ е снимена во „Студио Флеш“, додека вокалите на Ана Петановска се реализирани во студиото на Стефан Петановски. Видеото, кое ја следи емоцијата на песната, е дело на Раде Гогоски, кој стои зад целосната креативна реализација – од идеја до финална продукција.
Кадрите од видеото се снимени на неколку локации во Струга и Скопје, а во него се појавува и Анастасија Поповска, чија појава симболично ја претставува младоста, невиноста и вечниот спомен на оние кои прерано заминаа.
Со „Ангелски здив“, авторите испраќаат порака дека спомените на овие млади животи ќе продолжат да живеат – во срцата на луѓето, во музиката и во тишината што зборува повеќе од илјада зборови.




