Македонската џиу-џицу ѕвезда Катерина Ацевска ја отвори новата сезона на спектакуларен начин, освојувајќи златен медал на силниот гран-при турнир „Џенова опен“ во Италија!
На патот до највисокото скалило на пиедесталот, Ацевска во полуфиналето славеше со ипон против домашната натпреварувачка Федерика Маза, покажувајќи апсолутна доминација. Во големото финале следеше уште едно маестрално издание — убедлива победа од 16–7 против Полјачката Каја Орзечовска и заслужено злато за Македонија.
Турнирот во Џенова собра 267 натпреварувачи со вкупно 293 настапи од 24 земји, што дополнително ја прави победата на Ацевска уште повредна.




