Во турнир полн со ѕвезди и индивидуалци, Игор Ѓорѓиев докажува дека Македонија има среден бек кој може рамноправно да игра со најдобрите во Европа. Асистенциите се само бројка, но вистинската вредност е во тоа што со него на терен, македонската игра има глава и опашка.
По првите две одиграни средби, Ѓорѓиев веќе има 9 асистенции, бројка што го пласира меѓу најдобрите средни бекови на шампионатот. Во иста листа се наоѓаат имиња како Сагосен, Гидсел, Макуц и Солак, што доволно зборува за квалитетот на македонскиот плејмејкер.
Она што го издвојува Игор Ѓорѓиев не е само статистиката, туку контролата на темпото. Со мирна рака, прецизни додавања и одлично читање на одбраната, тој постојано создава вишок за пикерите, бековите и крилата. Кога Македонија има проблем во нападот, топката завршува кај Ѓорѓиев – и таму наоѓа решение.
Ѓорѓиев не е играч кој бара рефлектори. Неговото лидерство е во одлуките, во смиреноста, во моментите кога треба да се сопре налетот на противникот или да се смени ритамот. Токму затоа е незаменлив дел од македонската репрезентација.





