Еден од најценетите гитаристи од овие простори, Влатко Стефановски, имаше ретка чест лично да се сретне со британскиот крал Чарлс III, на кого му го подари својот актуелен албум „London Sessions“, издаден од Croatia Records. Со овој гест, Стефановски стана единствениот музичар од регионот кој остварил лична средба со британскиот монарх.

Албумот „London Sessions“, објавен на CD и тројно винилно издание, е снимен во легендарното студио Abbey Road 3 во Лондон. Покрај Стефановски, на проектот учествуваат неговиот син Јан Стефановски (тапани) и Тихомир Хојсак (електричен контрабас). Снимањето и продукцијата ги водел Горан Мартинац, со асистенција од Ед Фарел и Лиа Морис, а завршниот lacquer cut го направил Шон Меги, добитник на Греми за изданието “Mono Box Set” на The Beatles.

Со ова, музиката на Влатко Стефановски, снимена во светски прочуениот Abbey Road, ќе одѕвонува и во кралските одаи. Од издавачката куќа Croatia Records изразија голема гордост што токму нивниот изведувач ја имаше честа да ја претстави својата музика и културата на нашиот регион пред британскиот крал.




