Македонскиот фудбал доби нова причина за гордост. Лука Трпевски, извонредно талентираниот 15-годишен играч од средниот ред, денеска официјално потпиша свој прв професионален договор со српскиот гигант Црвена Звезда. Со овој потег, Трпевски стана најмладиот македонски фудбалер кој некогаш потпишал професионален договор со белградскиот клуб.
Трпевски веќе две години е дел од младинската школа на „црвено-белите“, каде настапува за пионерската екипа која доминира во српското првенство. Со својата визија, техника и посветеност на играта, младиот Македонец брзо се наметна како еден од најперспективните млади фудбалери во клубот.
Претходно, Лука своите први фудбалски чекори ги направи во редовите на Македонија ЃП и Вардар, два клуба кои се познати по развојот на млади таленти. Неговата работа и талент не останаа незабележани од скаутите на Црвена Звезда, кои го донесоа во Белград уште на рана возраст.
Со потпишувањето на овој договор, Црвена Звезда јасно става до знаење дека во Трпевски гледа иден лидер на својот среден ред и потенцијален првотимец. За македонскиот фудбал, ова е силен сигнал дека нова генерација на играчи доаѓа со голем потенцијал и амбиција да остави трага на меѓународната сцена.




