Македонскиот ракометен суперлигаш Охрид не запира со засилувањата за следната сезона, најавувајќи сериозни амбиции за борба за шампионската титула. Клубот активно работи на формирање на конкурентен тим, подготвен за најголемите предизвици во домашното првенство, но и за евентуален настап на меѓународната сцена.
Најновото име во редовите на „гладијаторите“ е левиот бек Анте Иванковиќ, кој пристигнува од германската Бундеслига. Со неговото доаѓање, Охрид добива дополнителна цврстина и искуство во бековската линија, што ќе биде клучно во борбата за врвот.
Покрај Иванковиќ, клубот претходно ги официјализираше ангажманите на неколку квалитетни засилувања. Во составот на српскиот стратег Борис Ројевиќ веќе пристигнаа словенечкиот десен бек Тилен Штрмљан, грчкиот среден бек Никола Лиапис и српскиот десен бек Предраг Вејин. Со овие трансфери, Охрид значително го засилува својот ростер и праќа јасна порака дека во претстојната сезона ќе биде сериозен конкурент за највисоките позиции.
Клубот продолжува со активностите на трансфер-пазарот, а ракометната јавност со нетрпение ги очекува следните чекори на охридскиот колектив. Дали овој тим има капацитет за шампионскиот трофеј, останува да се види на теренот.




