Слаткаристика и Тони Зен повторно здружија сили, а нивната нова песна „Еуфорија“ ја обработува темата за современите промени, инфлуенсерите и озборувањата. Ова е нивниот најнов заеднички проект, со што ја продолжуваат низата дуети од изминативе месеци.
Музиката и текстот се дело на самите изведувачи, додека за аранжманот и продукцијата се погрижи Иван Јованов – Ивајо. Ова е четврта песна што ја снимија заедно во последно време, откако во август ја објавија „Милион лета“, нивната прва соработка по 14 години.
Покрај новата музика, дуото подготвува и голем концерт во салата „Борис Трајковски“ на 5 април, во организација на продукцијата „Прагма“.
Спотот за „Еуфорија“ го режираше Дарко Јовановски, а песната веќе привлекува внимание кај публиката.




