Македонската ракометна репрезентација вечерва го започнува својот настап на Светското првенство против силната селекција на Унгарија. Натпреварот ќе се одигра во „Вараждин Арена“, со почеток во 20:30 часот.
„Унгарија е ракометна сила, со богата традиција и високо квалитетни играчи. Нивните репрезентативци главно настапуваат за две од најдобрите екипи во Лигата на шампиони. Под водство на селекторот Чема Родригез, нивната репрезентација постојано напредува и е исклучително добро организирана. Тешко е да се каже дека имаат слаба точка, бидејќи се многу комплетен тим. Сепак, веруваме дека со дисциплинирана игра и максимален ангажман, можеме да се надеваме на позитивен резултат,“ изјави селекторот Кире Лазаров.




