
Заклучно со 2013, фудбалските екипи од петтата шкотска дивизија не можеа да изборат промоција во Лиг 2 и покрај освоените шампионски титули.
Сепак, со креирањето на Лоуленд Лиг, како јужна варијанта на Хајленд Лиг (две лиги во петтата дивизија), прваците добија прилика да играат плејоф за пласман во професионалните рангови.
Имено, според навивачите, форматот на плејофот е неправеден бидејќи шампионите на двете петти лиги играат меѓусебен двомеч, а победникот се соочува во финалето со последниот тим од четвртата лига при што, шансите за влез во Лиг 2 се значително намалени.
Досега, односно од 2014/15 наваму, само три екипи успеале да ја поминат оваа ,,голгота”.
Во 2015/16, Единбург Сити, односно сегашниот ФК Единбург стана првиот клуб со успешно поминат плејоф, откако во полуфиналето ги доби Коув Ренџерс, а во финалето го релегира Ист Стирлингшир.
Наредната промоција се случи во 2018/19, кога Коув Ренџерс беа подобри од шампионите на Лоуленд Лиг, Ист Килбрајд, а потоа и од Бервик Ренџерс со вкупни убедливи 7-0 (4-0, 0-3).
Од паузата за КОВИД-19, наваму, петтолигашите имаат стопроцентен учинок, односно две промоции во последните две сезони.
Келти Хартс, во 2021/22, ги поразија Брора Ренџерс и Брехин, а последниот ,,среќник” беше Бонириг Роуз, кој славеше над Фрејзербург и над Кауденбит.
Кауденбит мора да се задоволи со членството во петтата лига, иако пред само една деценија беше второлигаш, а притоа, успешно избегна релегација во петтото ниво преку плејаут во два други наврати (2016/17 и 2017/18).
Од досегашните промовирани екипи, Коув Ренџерс се веќе во Чемпионшип, додека Келти Хартс и ФК Единбург се натпреваруваат на Лиг 1.
После две кола во Лиг 2, Бонириг Роуз го држи првото место со две победи и со гол-разлика од 5-0.
Овие факти дополнително го обелоденуваат победничкиот менталитет на екипите од Хајленд и од Лоуленд Лиг, кои и покрај сите вложувања, имаат многу мали шанси за промоција.
Со еден од предлозите за наредните сезони се наведува шампионите од двете петти лиги да играат меѓу себе при што, победникот да избори промоција, а поразениот да игра со претпоследниот тим од Лиг 2 (последниот да биде автоматски релегиран).




