
Второто од трите натпреварувања на ,,Зеефелд Трипл”, одржано во Зеефелд (Австрија), во рамките на Светскиот куп во нордиска комбинација го доби Германецот Винценц Гајгер.
Гајгер (24:49,3) го запиша вториот триумф во сезоната и покрај петтото место после првата серија, откако беше најбрз во скијачкиот дел.
Првопласираниот во вкупниот пласман, Јоханес Лампартер (+1,7), заврши на втората позиција по вторпат во два дена, но го презеде водството во австриската мини-турнеја од вчерашниот победник – Јарл Магнус Риибер.
Риибер (+1:18,9) денес заврши како десетти, пред сè поради заостатокот стекнат од првата серија и за првпат сезонава не запиша победа на трка на која се натпреварувал.
Третото место го освои сонародникот на Риибер, Јорген Граабак (+4,2), а по него следуваше германското трио, составено од Ерик Френцел (+11,1), од Теренс Вебер (+22,6) и од Јулијан Шмид (+22,9).
После скокачкиот дел, Естонецот Кристјан Илвес имаше предност поголема од четириесет секунди во однос на сите ривали, но накрај мораше да се задоволи со дванаесеттата позиција (+1:30,4).




