
Ник Кирјос и Танаси Кокинакис ја приредија најголемата сензација на овогодинешниот Австралијан Опен, откако дојдоа до титулата во машки дубл.
Во големото финале, новите шампиони славеа над Метју Ебден и Макс Пурсел со вкупни 2-0 (7-5, 6-4) после 95 минути игра.
За Кирјос, денешната титула беше прва на грен-слем турнирите, додека Кокинакис, по освојувањето на АТП Аделаид 2 пред две недели, дојде и до дебитантската круна во двојна конкуренција.
Ова беше прво финале на Австралијан Опен после 1980 година во кое, во машки дубл, се соочиле вкупно четири претставници на домашната нација.
На мечот, австралиските шампиони дојдоа до конечен триумф со по еден освоен брејк и во двата сета.
На патот до финалниот дуел, Кирјос и Кокинакис ги совладаа првите, шестите и третите носители, односно Никола Мектиќ/Мате Павиќ, Тим Путц/Мајкл Венус и Марсел Гранољерс/Орасио Зебаљос.




