
На 30 ноември 2002, Партик Тисл го порази Килмарнок со 3-0 во рамките на шкотскиот Премиершип.
Оттогаш, па сè до денес, популарните ,,Џегс” не знаат за триумф над истиот ривал на домашниот ,,Фирхил Стадиум”.
Во увертирата на 23. коло од овосезонскиот Чемпионшип, двете екипи ја продолжија наведената низа, откако ремизираа со 1-1.
Резултатот беше отворен во 59. минута, кога Оливер Шоу му донесе водство на Килмарнок после ударот од белата точка, добиен поради играта со рака на Рики Фостер во својот шеснаесетник.
Во продолжение, Партик беше желен за докажување и успеа да израмни на три минути пред крајот со прецизниот шут од дистанца на капитенот Рос Дохерти.
На табелата, Килмарнок скокна на второто место, додека Партик е петти со два бода заостаток зад Реит Роверс, односно зад плејоф-зоната.
Воедно, на овој меч беа пуштени само 500 навивачи, но веќе од наредниот викенд, шкотските трибини ќе можат да се искористат со максимален капацитет.




