
Натпреварувачката недела во Бишофсхофен, Австрија, од Светскиот куп во ски скокови, заврши со денешното тимско натпреварување.
Ова беше второ овосезонско екипно скокање на кое, по вторпат во 2021/22, триумфираше селекцијата на Австрија.
За неа, на скокалницата ,,Паул Аусерлајтнер” настапија Јан Херл, Мануел Фетнер, Филип Ашенвалд и Даниел Хубер.
Втората позиција ја зазедоа Јапонците, поразувајќи ја Норвешка за само 0,2 поени.
За ,,сребрената” селекција скокаа двата пара на браќа, Кеичи и Јукија Сато, односно Јунширо и Рјоју Кобајаши, додека боите на скандинавската земја ги бранеа Даниел Андре Танде, Јохан Андре Форфанг, Халвор Егнер Гранеруд и Мариус Линдвик.
Словенија имаше огромни шанси да заврши на пиедесталот, но во последната серија, Анже Ланишек потфрли и ги остави своите сонародници без медал за само 1,2 поени.
Во продолжение, пласманот го комплетираа Полска, Германија, Русија и Казахстан.




