На ден сабота, 20.11.2021 во големата сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе се одржи танцов спортски настан на кој учество ќе земат Спортски танцови двојки, солисти и формациски групи од околу дваесетина држави. Натпреварите ќе се одржат во Стандардни, Латиноамерикански и Модерни Спортски Танци. Квалификацискиот дел на натпреварите ќе се одвива во текот на денот, додека на гала вечерта со почеток во 19:30 ќе се одржат полуфиналните и финалните натпревари за највисоката класа на танцови двојки.

Натпреварите се во рамките на системот за натпреварување на World DanceSport Federtaion – WDSF, каде танцовите двојки се борат за поени кои ќе им овозможат повисоки позиции во рангирањето на Светските ранг листи, посебно за Стандардни и посебно за Латиноамерикански танци.
Организатор на настанот е Здружението за модерни и спортски танци „Прима Данца“, а под покровителство на Танцовата Спортска Федерација на Македонија.

Судиските панели ќе ги сочинуваат околу 15 WDSF лиценцирани судии на чие чело ќе биде нашиот Интернационален судија д-р Влатко Павлески кој е и Претседател на Танцовата Спортска Федерација на Македонија. Претседател на организациониот одбор на настанот е м-р Жаклина Ковачевиќ Божилова, генерален секретар на ТСФМ.

Овој настан е континуитет на долгогодишната плодна работа на Прима Данца и ТСФМ, посебно после одржаните отворени светски првенства во 2019 година каде на сличен танцов спортски настан зедоа учество вкупно 38 држави од 3 Светски континенти. Континуираното одржување на овие настани кои официјално влегуваат на календарот за натпревари на WDSF ќе овозможи можен иден датум за организација на официјално Светско првенство во Стандардни или Латиноамерикански спортски танци.
„Овој спорт е од аристократско потекло и на организацијата на вакви настани мора да и се пристапи со висок степен на сериозност. Високата класа на Спортски Танцови Двојки бараат високо квалитетен пристап и детален менаџмент на оваа нималку наивна танцова приказна и спектакл“, вели д-р Влатко Павлески.

Со оглед на постоечката пандемиска ситуација, влезот на настанот ќе биде според важечките протоколи за превенција и заштита од Covid19. Влезниците по цена од 300,00 денари можат да се набават преку www.kupikartizase.com



