
Од основањето на турската фудбалска Супер лига, односно од 1959 наваму, освен истанбулското трио, Фенербахче, Галатасарај и Бешикташ, државни прваци биле само уште две екипи.
Трабзонспор е четвртиот клуб по ред од оваа држава по број на трофеи, но неговата доминација од 1970-тите и од 1980-тите заврши со шампионската круна во сезоната 1983/84.
Во наредните дваесет и шест години, Истанбул беше единствен турски град што се радувал на титули поради ,,хегемонијата” на трите горенаведени великани.
Сепак, жаргонски кажано, ,,ништо не трае вечно”, па така, во 2009/10, Турција го доби само петтиот различен фудбалски лигашки шампион во историјата – Бурсаспор.

Овој клуб потекнува од градот Бурса, четвртиот град по број на жители на турското копно и е основан во 1963 година после фузијата на пет локални екипи: Аџар Идман Јурду, Акинспор, Истиклал, Пинарспор и Џеликспор.
Во своите витрини, пред историскиот успех од крајот на првата деценија на 21. век, ,,Зелените крокодили” имаа само три трофеи – два од втората лига (1966/67 и 2005/06) и еден од Турскиот куп (1985/86).
Во сезоната 2009/10, Бурсаспор влезе како шестопласиран тим, кој за само три поени испушти шанса да заигра во европските натпреварувања.
Неговиот буџет, на почетокот од сезоната беше ,,скромни” 10 милиони евра, кој изнесуваше само околу 10% од буџетот на истанбулските клубови. Чисто за споредба, вредноста на Галатасарај во овој период броеше огромни 125 милиони евра.
Во јануари 2009, на кормилото на тимот од Бурса застана Ертугрул Саглам, кој во 2009/10 од неговите фудбалери ја состави втората најдобра одбрана и убедливо најдобриот напад во лигата со гол-разлика од 65-26.
Поради ремито од 0-0 против Галатасарај, Бурсаспор му го предаде првото место на табелата на Фенербахче на само три кола пред крајот.
Во 32. и во 33. коло и двете екипи изборија победи, па титулата мораше да биде одлучена во последните натпревари.

Бурсаспор, пред полните трибини на стадионот ,,Бурса Ататурк”, славеше со 2-1 над тогашниот актуелен шампион, Бешикташ, благодарение на Пабло Батаља (32‘), односно на автоголот на Ибрахим Тораман (44′).
Дуелот помеѓу Фенербахче и Трабзонспор сè уште беше во тек, а со последниот судиски свиреж и со ремито на двете екипи од 1-1, во Бурса започна потполен делириум.
Како стартери на мечот против Бешикташ во последното коло, со златни букви во историјата на Бурсаспор се запишаа: Омер Ердоган (капитен), Бекир Озан Хас, Серџан Јилдирим, Пабло Батаља, Али Тандоган, Тургај Бахадир, Мустафа Кечели, Иван Ергиќ, Димитар Иванков (голман), Озан Ипек и Ибрахим Озтурк.
Во наредните две сезони, Бурсаспор избори пласман во Лига Европа, но во продолжение следуваше нестабилен период, кој кулминираше во 2018/19, така што овој клуб стана првиот турски шампион што бил релегиран во втората лига.
Популарните ,,Зелени крокодили” сè уште се дел од второлигашкото друштво, а минатата сезона ја завршија на скромното десетто место.



