
Машинеријата на Металург Магнитогорск продолжува да ги ,,гази” сите противници што ќе ѝ застанат на патот и на тој начин ја запиша и рекордната четиринаесеттата победа по ред.
Во првиот меч од денешната КХЛ програма, ,,Лисиците” со пресврт славеа над АК Барс Казањ со резултат од 2-1.
Во првата третина, гостите поведоа преку третиот овосезонски погодок на Стивен Кампфер, кој со своето искуство од НХЛ значително го зајакна овој состав.
Неговиот прв шут на мечот беше воедно и единствен од вкупните 38 на ,,Зелените”, кој заврши зад грбот на феноменалниот голман Василиј Кошечкин (97,37% одбрани).
Во втората третина, пауер-плеј голот на Џош Кари донесе израмнување во ,,Арена Металург”, а во првата минута од третиот период, Андреј Чибисов го постави конечниот резултат.
На табелата на Источната конференција, Металург остана на првото место, додека АК Барс ја зазема четвртата позиција.



