
Најголемите ривали од НХЛ, Торонто Мејпл Лифс и Монтреал Канадиенс, ги одмерија силите уште во вториот натпреварувачки ден од новата сезона.
Пред само пет месеци, Монтреал го елиминираше Торонто во осмина-финалната рунда со вкупни 4-3.
Синоќа, Мејпл Лифс успеаја во одредена мера да го возвратат ударот и да триумфираат со 2-1 после пресврт.
Во осмата минута од првата третина, Канадиенс стекнаа предност од 0-1 преку Џонатан Друин.
Канаѓанецот беше единствен хокеар што го смести пакот позади грбот на голманот Џек Кемпбел, кој имаше одлична партија со 31/32 одбрани (96,88%).
Неполни три минути по водечкиот погодок на Монтреал, Пјер Енгвал стрелаше во корист на Торонто, односно за израмнување на 1-1.
Во продолжение, хокеарите на Мејпл Лифс повеќе целеа кон победа што им се исполни со голот на Вилијам Ниландер во зачетокот на третата третина.
После првите два дена, Торонто е единствен состав од Атлантската дивизија, кој ја отвори сезоната со триумф и само трет од Источната конференција после Питсбург Пенгуинс и Вашингтон Капиталс.



