Со цврста и пред сè паметна игра, дополнета со голема борбеност и огромно срце, МЗТ Скопје Аеродром вечерва, на стартот од АБА2, го совлада тимот на Младост Земун (97-90), кој важи за најголем фаворит за освојување на првото место и за пласман во јадранската елита.
Јунак на вечерта беше Дамјан Робев со 30 поени и шест тројки од седум обиди, додека зад него беа Немања Милошевиќ со 20 поени и Роберт Рикиќ со 10 поени (двајцата собраа по девет скока). Дамјан Стојановски средбата ја заврши со девет поени, Хуан Дејвис дополни со осум, Бојан Крстевски имаше седум, Кристијан Николов шест, а Дастин Вер пет поени. По подолга пауза во тимот се врати и Адем Мекиќ, кој ќе ни биде од голема помош во периодот што е пред нас.
Вториот меч на турнирот на Златибор го играме задутре и тоа против словенека Рогашка (21 часот).



