Капитенот на Бутел Скопје, Бојан Спасовски и во новата сезона ќе го носи дресот на амбициозниот суперлигаш. Бескомпромисниот борец во одбраната, кој беше еден од најзаслужните за големиот успех минатата сезона, очекува добар настап на Бутел и на европска сцена.

“Останувам во Бутел Скопје уште една сезона и се надевам дека повторно ќе го предводам тимот до најголемиот клупски успех како што тоа беше лани. Имавме одлична соработка со тренерот Котевски, а се надевам ќе биде ист случај и со новиот предводник Грчевски. Што се однесува до играчкиот кадар, екипата го задржа костурот и беше засилена со уште тројца ракометари. Сите екипи работат на трансфер пазарот и не очекува интересна Суперлига. Ние ги стартуваме подготовките в недела, ќе работиме една седмица во Пехчево, а потоа ќе бидеме дел и од Струшкиот турнир. Раководството ни ги овозможува сите услови, а нас ни останува да мислиме само на играта. Покрај домашните обврски, ќе бидеме активни и на меѓународна сцена во ЕХФ Купот, каде исто така очекувам достојно претставување на клубот и на Македонија”, изјави Спасовски за фан страната на клубот.



