Десното крило Златко Мојсоски ќе остане во тимот на Бутел Скопје и во следната сезона. Искусниот ракометар се договори со раководството на РК Бутел , го продолжи договорот на една година и ќе биде дел од тимот што ќе игра на домашна и на меѓународна сцена во ЕХФ Купот.

“Чест ми е што сум дел од оваа успешна приказна, екипа која од година во година расте се повеќе. Бутел Скопје е екипа составена пред се од добри момци. Имаме одлична хемија и другарство кое беше пресудно за ланската успешна сезона. Се надевам дека со моето искуство и професионализам ќе придонесам да се продолжат добрите резултати на екипата како на домашна сцена, така и во ЕХФ Купот. Голема благодарност до управата со која имаме одлична соработка и се надевам дека истата ќе продолжи и во иднина. Благодарност и до нашите верни навивачи без кои немаше да направиме историски успех за нашиот клуб минатата сезона”, истакна Мојсоски.



