Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со Македонскиот олимписки комитет, во периодот од 16-ти до 20-ти овој месец организира тренерски ФИВБ курс од највисокото ниво 1. Предавач ќе биде славниот француски стручњак Филип Блан, кој е еден од најценетите светски тренери, со четиридецениска кариера исполнета со многу успеси.
Курсот е на највисоко едукативно рамниште според критериумите на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ). На него ќе учествуваат вкупно 38 тренери од коишто седуммина се странци, а 31 се од Македонија.
Во хотелот „Континентал“ во Скопје и во салата на ОУ „Невена Георгиева – Дуња“, господинот Блан ќе одржи предавања на три теми: што е фундамент на одбојкарската игра, кои се главните принципи на одбојкарската игра и баланс меѓу одбрана и напад.
Фото и извор: Одбојкарска федерација на Македонија



