Екипата на МЗТ Скопје Аеродром вечерва, во Копер, ќе го одигра првиот финален меч од плејофот во АБА2 против Приморска (18 часот), серија која ќе се игра до три победи и пеколен ритам кој предвидува првите четири средби да се одиграат во само – пет дена.
Аеродромци веќе се запознаа со условите во салата „Боњифика“, која има капацитет од околу 3.000 места и најавуваат борба до последниот атом за барем еден „брејк“ во двата меча кои вечерва и утре ќе се одиграат на теренот на противникот. Приморска во серијата влегува како фаворит, поради првото место на табелата во регуларниот дел од сезоната, но тоа носи дополнителен мотив за избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов да дојдат до вкупен триумф, а со тоа и остварување на примарната цел – влез во АБА. Натпреварот може да го погледнете на следниот ЛИНК.



