Една цел е остварена – пласман во осминафиналето на ЕХФ лигата на шампионите. Остануваат уште две кола до крај на групната фаза, и викендов Вардар гостува кај Порто во Португалија. Средбата е закажана за во сабота (16 часот), дуел што е особено важен и за двете екипи за избегнување на 6. место на табелата.
Вардар отпатувa за Португалија денеска со цел да имаат повеќе време за одмор и подготовка со оглед на неповолните авионски конекции и патувањето што треба да трае до доцна навечер. Тимот што беше на паркетот против Мотор Запорожје во саботата и сега отпатува за Португалија.
„Победата против Мотор во претходното коло ја подигна атмосферата в тимот. Сепак не треба тој резултат да ни дава преголеми оптимистички очекувања. Реално гледаме на ситуацијата. Порто е фаворит сега на дуелот, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме довлно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот”, изјави Алушовски, тренерот на Вардар.



