Кошаркарката Александра Стојановска која во минатото настапуваше и беше капитен на ЖКК Бадел 1862 одамна ја надмина македонската средина и реши да се испроба на интернационално ниво.
Репрезентативното крило кариерата ја продолжи во Фљамуртари од Валона Албанија, а со овој клуб оствари огромен успех освојувајќи го купот на Албанија во меч против најголемиот ривал Партизани од Тирана.

javisejuzna.mk по повод освоениот трофеј стапи во контакт со Стојановска и од прва рака ја добивме нејзината изјава како и првите впечатоци по закитувањето со новата титула: ,,Среќна сум што успеавме да се избориме за победа во овој натпревар. Тоа е освојување на купот на Албанија. Игравме против екипата на Партизани од Тирана, една од најквалитетните екипи во оваа лига. На почетокот беше тешко, се играше буквално кош за кош, се додека во второто полувреме успеавме да направиме 20 поени разлика и да ја одржиме до самиот крај. Задоволна сум од нашата игра иако секогаш може подобро.
За мене ова е втор интернационален трофеј откако го освоив Суперкупот со истата екипа минатата сезона. Навистина сум задоволна од овој клуб и благодарна за целата поддршка што ја имам овде. Самиот клуб има пред се многу добра историја, а тука спаѓаат 13 супер куп титули, 17 куп титули и 22 освоени првенства.
Чест ми е што сум дел од ваков колектив со победнички дух, што значи по ова освојување, целиот фокус е ставен на освојување на супер купот и првенството оваа сезона”.
Сезоната оди во вистински правец за Александра Стојановска, а до крајот на првенството крајна цел ќе и биде освојување на титулата државен првак на Албанија како и освојување на Супер купот.



