Овогодинешното издание на Тур д Франс е вкупно 106. во историјата. Турнеата по четврт пат почна во Белгија, но овој пат во чест на педесет-годишнината од првата победа на Тур д Франс за белгискиот велосипедист Еди Меркс. Првата етапа ја освои Мајк Теунисен кој во фото-финиш, за дел од секундата, излезе подобар од Петер Саган.
Втората етапа всушност беше тимски хронометар. Тим Инеос (поранешниот Тим Скај) беше многу блиску до првиот екипен триумф на еден хронометар, но на патот им се испречи тимот на Јумбо-Висма.
Третата етапа започна во Белгија, а заврши во Франција. На ридовите помеѓу двете држави најдобро се покажа Французинот Жулиен Алафилип кој триумфираше со предност од 26 секунди и ја присвои жолтата маичка.
Втората победа во низа за тимот на Декеунинк-Квик Степ ја донесе Италијанецот Елиа Вивиани со одличен завршен спринт во кој успеа да ги претекне дел од најдобрите спринтери на турнеата.
Петтата етапа се возеше по ридски терени и после спектакуларен спринт, Петер Саган стигна до победата пред Воут Ван Аерт и Матео Трентин – предводниците на цел пелотон составен од 77 возачи.
Шестата етапа беше една од најисцрпните до сега токму поради озогласеното брдо Ла Планш де Бел Фиј. Овде, после епска битка во завршницата, победи Дајлан Теунс со предност од 11 секунди пред Џулио Чиконе кој после оваа етапа стана новиот првопласиран во генералниот пласман.
Седмата етапа е најдолга етапа на овогодинешниот Тур со должина од 230 км што се возеа по рамен терен. Ни овој пат не изостана битката на целта, па во завршниот спринт влегоа неколку возачи од кои најуспешно се снајде Дајлан Гроневеген.
Осмата етапа се возеше по ридовите меѓу Макон и Сент Етјен. По пет-часовна трка, прв на целта пристигна Томас де Гендт и ја донесе првата победа за тимот на Лото Соудал на овој Тур. Шест секунди зад него беа Тибо Пино и Жулиен Алафилип. Алафилип, со предноста од 20 секунди пред Чиконе, повторно си ја врати жолтата маичка.
На деветтата етапа, за прв пат после 2013, Дарил Импеј освои етапа на Тур д Франс – прва за тимот на Мичелтон-Скот годинава. Дел од фаворитите имаа огромен заостаток во однос на Јужноафриканецот, а Петер Саган ја помина целта како последно пласиран со заостаток од 21 минута и 22 секунди.
Последната етапа пред првиот ден за одмор беше повторно по рамен терен што им одговара на спринтерите. На крајот, очекувано, заврпниот спринт ни донесе многу возбудувања, а четвртата победа за тимот на Јумбо-Висма на овој Тур ја донесе Белгијанецот Воут Ван Аерт кој беше второпласиран на петтата етапа.
Моментално во генералниот пласман води Французинот Алафилип пред двајцата возачи на Тим Инеос – Герент Томас и Еган Бернал. Еган Бернал е носител на белата маичка што го означува најдобриот млад возач. Најдобар на планините е Тим Веленс, а Петер Саган искусно ја чува својата зелена маичка, а како најдобар тим на турнеата, моментално е Тим Мовистар.



