На ждрепка за Лигата на Европа, Милан за противник во осминафиналето го доби Манчестер Јунајтед. Дефинитивно ќе биде највозбудлив двомечот меѓу седумкратниот и трикратниот европски првак, меѓутоа двата дуели против ,,Црвените ѓаволи” го дополнија веќе пеколниот распоред на екипата.
Во 22 дена, Милан ќе одигра дури седум натпревари, што ќе биде голем тест за шампионските амбиции на Стефано Пиоли и неговите избраници. Во недела (28 февруари) Милан гостува на „Олимпико“ во дербито против Рома, потоа следуваат дуели со Удинезе на Илија Несторовски на 3 март.
Четири дена подоцна следува мечот против Верона на гости, додека за 11 март е предвиден првиот натпревар против Манчестер Јунајтед. Следното лигашко дерби, овој пат против Наполи на „Сан Сиро“, Милан ќе го игра на 14 март, додека на 18 март е закажан возвратниот дуел против Манчестер Јунајтед, за само три дена подоцна следува мечот против Фиорентина.
По 23 кола, Милан е на второто место на табелата во Серија А со 49 бода, четири помалку од лидерот Интер, односно четири бода повеќе од актуелниот првак Јувентус.



