Додека не е познато дали нашата селекција ќе излезе на терен и ќе ги одигра двата предвидени натпревари во Талин, против Италија и Естонија, во рамки на квалификацискиот „балон“ за пласман на Европското првенство 2022 година, Русија ја оправда својата фаворитска улога против Естонија и во Талин славеше убедлива победа од 84:56.
Овој резултат е добар за македонската кошаркарска репрезентација, бидејќи не остава со шанси за пласман на континенталниот турнир. Најефикасен во победничкиот состав беше Евгениј Бабурин со 19 поени, Андреј Воронцевич постигна 15, додека на спротивната страна Јанари Јоесар го заврши мечот со 11 коша.
Македонската кошаркарска репрезентација не го одигра својот натпревар со Италија во саботата поради три позитивни случаи на ковид-19 во нашиот тим, и засега не е познато дали „црвено-жолтите“ ќе ги одиграат овие два натпревари. За таа цел, ќе биде направено ново тестирање на тимската делегација на Македонија за понатамошна медицинска проценка и одлука.



