Двапати Вардар се подготвуваа за средба од лигата на шампионите, но првично беше одложен дуелот со Елверум кој не допатува во Скопје, а сега беше одложено и гостувањето во Унгарија кај ПИК Сегед.
„Последен натпревар што го игравме беше на 16 септември, сега е 2 октомври. Два мини циклуси што ги планиравме ги прекинавме кога формата на екипата требаше најмногу да биде подигната на едно ниво. Ако кажеме дека се спремаме за дуел во среда и така тренираме, во недела или понеделеник добиваме информација дека мечот е одложен. Играчите немаат мотив, бидејќи сме се спремале за еден противник, сме излегле од сите процеси на учење и усовршување, и сме подготвувале една тактика. Овие две седмици ни се промашени во делот на надградување на играта и формата. Сега на 15 октомври е прв меч со Флензбург. А тој период што е, е една зимска пауза. Треба да држиш тензија, да држиш во натпреварувачки ритам.
Баравме да играме со Еурофарм Пелистер, но рекоа дека неможат бидејќи имале повредени играчи, вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар 1961 за клубскиот сајт.



