Опен Чемпионшип е последен од четирите главни турнири во голф сезоната. Токму тој турнир ни претстои овој викенд и ќе се одржи на Ројал Портраш Голф Клуб во Северна Ирска за прв пат после 1951.
Минатогодишниот турнир го освои Италијанецот Франческо Молинари и оваа година ќе се обиде да биде првиот голфер што го одбранил насловот на Опен после Ирецот Харингтон кој го оствари тоа во 2007 и 2008. Сите освојувачи на Опен Чемпионшип од 2000 наваму ќе учествуваат и оваа година со исклучок на Бен Куртис и Тод Хамилтон што беа шампиони во 2003 и 2004. Ќе бидат присутни сите голфери од топ 10 што значи дека конкуренцијата ќе биде огромна. Од претходните шампиони, како поголеми фаворити се издвојуваат Франческо Молинари, Рори МекИлрој и Тајгер Вудс.
Според поголемиот дел од љубителите на голфот, најголем фаворит е токму Рори МекИлрој. Тој ќе настапува на домашен терен и во склоп со одличната форма оваа сезона (11 турнири заврши во топ 10) има огромна шанса за вкупен триумф. Не смее да се изостави ни Брукс Коепка – Американецот што е првопласиран на ПГА ранг листата и победник на овогодинешниот ПГА Чемпионшип. Како и секогаш, околу врвот се наоѓа и Тајгер Вудс. Популарниот ,,тигар” оваа година славеше на Мастерс Турнамент и се наоѓа на петтата позиција на ПГА ранг листата. Шпанецот Џон Рам котира кон добар пласман поведен од атмосферата по освојувањето на Ириш Опен пред две недели и искачувањето на втората позиција на Еуропеан Тур.
Првопласиран на Еуропеан Тур е Австриецот Бернд Висбергер кој претходниот викенд го освои Скотиш Опен во околината на Абердин. Австралиецот Адам Скот е фаворит од сенка бидејќи добро се покажа само на големите турнири, завршувајќи во топ 10 на ПГА Чемпионшип и на УС Опен. Други голфери што важат за големи фаворити иако се надвор од топ 10 се Англичаните Џастин Роуз, Томи Флитвуд и Пол Кејси како и Американците Дастин Џонсон, Рики Фаулер и Ксандер Шофел.



