Македонското таеквондо бележи уште еден значаен меѓународен успех! Младата и талентирана Ведрана Тунески, членка на ТК Бутел, освои сребрен медал на Европското Гранд При (Е6) во кадетска конкуренција, во категоријата до 51 килограм.
Тунески блесна на европската сцена, остварувајќи три победи против противнички од Франција, Турција и Кипар, со што обезбеди пласман во големото финале и се закити со сребрениот медал во исклучително силна конкуренција.
Овој резултат претставува голем успех за македонското таеквондо, особено ако се земе предвид квалитетот на натпреварувањето во овој олимписки спорт. Со освоениот медал, Ведрана освои нови 32 бодови и обезбеди директен пласман на Финалното Гранд При, отворајќи си можност за нови значајни меѓународни достигнувања.
Среброто од Европското Гранд При е потврда за нејзиниот талент, посветеност и напорна работа, но и доказ дека македонските таеквондисти имаат потенцијал да се борат за највисок пласман на европската сцена.
Ведрана Тунески е новото име со кое македонското таеквондо има причина да се гордее!
www.javisejuzna.mk — пријател на македонскиот спорт




