Еурофарм Пелистер со победа ја започна новата сезона во Регионалната лига, откако битолчани пред полни трибини во салата „Боро Чурлевски“ го совладаа српскиот шампион Партизан со 35-31.
Главната ѕвезда на натпреварот беше капитенот Филип Кузмановски, кој одигра спектакуларен меч. Македонскиот репрезентативец постигна неверојатни 15 голови, а дополнително запиша и 11 асистенции, со што беше убедливо најзаслужен за триумфот на тимот на Лино Червар.
По четири гола за Пелистер постигнаа Никола Граховац и Ник Хенигман, додека кај гостите од Белград најефикасен беше Вагнер со 10 погодоци.
Со овој триумф Пелистер им се придружи на Вардар и Охрид, кои исто така со победа ја започнаа сезоната во регионалното натпреварување.
Битолчани уште на стартот испратија јасна порака – оваа сезона во Регионалната лига ќе биде исклучително интересна, а Пелистер има сериозни амбиции.




